„Срам. Ситуации во кои се чувствувам непријатно. Од тоа бегав, а самоизолацијата беше мојот начин на кој се справував.“
Животот со дебелина – Подготвителен камп за изолацијата во текот на пандемијата со COVID-19
Стоењето настрана од многу социјални настани беше начинот на којшто се справував со мојата дебелина. Се плашев од тоа што мислат луѓето за мене. И покрај тоа што постојано ми го даваа вообичаениот совет за намалување на телесната тежина (Јади помалку, движи се повеќе), сепак не можев да ја контролирам тежината. И затоа што не успевав да ги следам советите, чувствував како да сум помалку интелигентен.
Оваа лоша слика што ја имав за себе постојано ми се потврдуваше од печатените медиуми, радиото и телевизијата, па затоа најлесно ми беше да останам дома или често во последен момент решавав да не одам од некој прием или настан. Не знаев дека тоа беше подготовка за карантините во 2020 година.
Социјалната изолација како бегство од чувството на срам
Во периодот кога имав најмногу килограми (175 kg), несвесно и спонтано, социјално се дистанцирав. Само не бев свесен дека го правам тоа.
Пазарував кога никој друг не пазареше.
Избегнував социјални настани како што се забави, одење на гости и сл.
Избегнував и места каде што имаше многу луѓе.
Од тоа бегав, не од пандемија или од некоја болест. Бегав од ситуации во кои луѓето ќе гледаа во мене и ќе шепотеа за мојата дебелина, каде што можеби немаше да има доволно место да седнам затоа што столчињата се мали и нема да ме издржат и така натаму.
Срам. Ситуации во кои се чувствувам непријатно. Од тоа бегав, а самоизолацијата беше мојот начин на кој се справував. Ако и вие се самоизолирате како мене, сетете се дека не сте сами.
Пријателите ми помогнаа да се справам со телесната тежина
Имав среќа што луѓето околу мене ме натераа да побарам помош тогаш кога сакав да се откажам од сè. Знам дека не може секој да смета на помош од пријателите, но секому може да му се помогне да разбере дека изолирањето од други луѓе не може да биде корисно.
Ако сакате да го прекинете маѓепсаниот круг на самоизолација и да ја преземете контролата врз справувањето со телесната тежина и социјалното дистанцирање, тогаш карантините во 2020 година се совршена можност за тоа. Сега, сите околу вас знаат што значи социјално дистанцирање. Зошто да не им кажете на пријателите и на семејството низ што сè сте поминале во животот.
Мали чекори во позитивна насока
Кажете им што сте правеле за да избегнете ситуации кога сте мислеле дека вперуваат со прст во вас поради тежината. Кажете им како ви влијаело тоа. Кажете им колку внимателно сте ги прикривале стравот и тагата.
Голема е веројатноста дека ќе ве слушнат, ќе ве разберат и ќе ве поддржат. И уште поважно, дека ќе ви помогнат.
„Ќе се чувствувате слободно ако конечно излезете во друштво на други луѓе. Престанете да гледате како ви поминува животот поради вашата состојба.“
Не потценувајте го чувството на слобода
Ќе се чувствувате слободно ако конечно излезете во друштво на други луѓе за да поминете време со нив и да им покажете кој сте. Престанете да гледате како ви поминува животот поради вашата состојба.
Пред сè, не сте сами. Далеку од тоа. Околу 650 милиони луѓе во моментот живеат со дебелина. И се обложувам дека веднаш сите би ја искористиле шансата да го сменат тој факт.
Справување со телесната тежина
За да ја преземете контролата врз справувањето со телесната тежина, вклучете ги пријателите и семејството. Сторете го тоа сега, додека карантините се сè уште реално секојдневие. Започнете со тоа што ќе им кажете како се самоизолирате.
Проголтајте ја гордоста и кажете им дека ви се потребни, особено за да ви помогнат додека се справувате со тежината. Но, објаснете им дека тоа мора да биде под ваши услови. Користете Skype, Zoom, Messenger, Facetime или некоја друга виртуелна платформа.
И тогаш почнете да правите мали промени во животот.
Мали промени на почетокот се неопходни за да се случи голема промена
Дури и малите промени може да бидат моќен показател за она што следува. Дека вие можете. И дека е ова само почеток!
Ако немате навика да појадувате, тогаш почнете да јадете наутро. Ако не сте навикнати да одите на прошетка, тогаш почнете да пешачите. Ако не сте навикнати да се качувате по скали, најдете скали и искачете ги.
Во оваа фаза не е важно колку често и колкава далечина ќе испешачите.
Прочитајте повеќе
„Свесен сум и дека дебелината е многу повеќе од акумулација на вишок маснотии.“
Како да размислувате за советите за справување со телесната тежина
Со првите чекори што ги преземате, вие всушност донесувате важна одлука во животот. Тие први чекори ќе бидат основата за поздрав живот.
И знаете што? Свесен сум дека справувањето со телесната тежина е многу повеќе од „Јадете помалку и вежбајте повеќе“. Свесен сум и дека дебелината е многу повеќе од акумулација на вишок маснотии. Прифаќањето и разбирањето на проблемот се од големо значење за менталното здравје, како и за неговото зачувување.
Сепак треба да вежбате и да се храните здраво за да го промените вашиот живот.
„Не постои брз начин за намалување на тежината. Тоа претставува промена на животниот стил. “
Личните инструктори може да бидат и ваши партнери и да ви помогнат
Не треба да се плашите да побарате помош за справување со тежината. Јас имав среќа што имав личен инструктор кој не само што ми помогна да стекнам самодоверба за да одам во сала за вежбање туку и ми помогна да разберам нешто многу важно:
Не постои брз начин за намалување на тежината. Тоа претставува промена на животниот стил.
Се сеќавам дека на мојот прв тренинг помислив дека веројатно ќе треба многу да вежбам. Но неговиот прв коментар ме изненади: „Почни со лесен интензитет и полека. Треба да го обновиме твоето тело“.
Вежбите треба да бидат соодветни за вас
Затоа обидете се да најдете експерти што може да ви помогнат да правите вежби што се соодветни за вас и одговараат на вашето ниво на физичка активност. И запомнете дека започнувате нов живот, и денеска ќе бидете поздрави од вчера.
Освен тоа што го променив начинот на размислување, добив и совети како да ја подобрам исхраната. Сфатив дека за да имам енергија и да бидам мотивиран, треба да јадам поздрава и поразновидна храна.
Научив да појадувам. Никогаш претходно не појадував, и тоа ми направи вистинска разлика. Одеднаш се чувствував поенергично во текот на денот.
Ви треба вистински совет
Топло ви препорачувам да побарате помош ако не сте сигурни како здраво да се храните. Треба да го направите тоа, особено кога ќе се земат предвид неконтролираните рекламни пораки на кои сме изложени во ова консумирачко општество.
Од една страна знаете дека имам право, но од друга, додека ја читате оваа објава, веројатно мислите дека ова нема вам да ви помогне.
„Преземањето контрола е можно - особено ако имате помош од пријателите и семејството.“
Кажете му не на емоционалното јадење
Но знаете што? Веќе ги знам овие работи. О да, свесен сум.
Знам сè за моите лоши навики, на пример кога се обидувам да ги „нахранам моите чувства“. Стресен ден на работа? Ќе го заборавам гледајќи акционен филм додека јадам две пакувања чипс со сос.
Неуспешен состанок? Би можел да го поправам тоа застанувајќи во McDonald’s на пат кон дома. И уште многу примери. Познавам многу луѓе кои јадат за да се справат со своите проблеми.
Треба да се справам со тоа, и иако ослабев 50 kg, сè уште се справувам.
Морав да прифатам дека храната ми дава утеха и смиреност.
Морав да признаам дека храната не е идеален начин да се утешиш себеси.
Поставете ги тешките прашања
Ако сте во можност, разговарајте со стручно лице кои се причините поради кои имате лоши навики во исхраната и како да ги смените. И да, можете веднаш да почнете за да се подготвите за деновите што следуваат.
Дозволете ми да објаснам: Откријте кога сте особено склони кон емоционално јадење. Кои ситуации вообичаено ве наведуваат да јадете? Сега, побарајте начини како да ги избегнете.
Побарајте и начини како да ви биде достапна поздрава храна во моментите кога емоционалното јадење ви изгледа како лесен излез од ситуацијата во која се наоѓате. Подгответе си здрави ужинки по кои ќе посегнете кога ќе имате потреба. Во фрижидер чувајте вода наместо засладени безалкохолни пијалаци.
Побарајте медицинска помош
Преземањето контрола е можно - особено ако имате помош од пријателите и семејството. Исто така, обратете се кај вашиот здравствен работник за медицинска помош.
Знам дека многумина од нас имале лоши искуства во минатото обидувајќи се да ги споделат со здравствените работници предизвиците при справувањето со телесната тежина, но без оглед на тоа продолжете да ја барате вистинската личност која ќе ви помогне бидејќи заслужувате.
„Сигурно ќе најдете лекар што ќе ве разбере и ќе знае колку е сложена дебелината и како може да се лекува.“
Ако треба, побарајте медицинска помош преку интернет. Не откажувајте се. Продолжете да барате. Сигурно ќе најдете лекар што ќе ве разбере и ќе знае колку е сложена дебелината и како може да се лекува.
Ако моментално имате каков било медицински проблем што ве мачи, не двоумете се. Побарајте медицинска помош, па дури и преку интернет.
Кога станува збор за COVID-19, дебелината не ја зголемува веројатноста да се заразите, но може да го зголеми ризикот од посериозни компликации ако навистина се разболите. И повторно, не двоумете се да побарате медицинска помош.
Можете да ја преземете контролата врз вашата телесна тежина
Дебелината е хронична болест. Како и кај другите хронични болести, живеењето со дебелина подразбира секојдневно справување со симптомите.
Ова вклучува справување со телесната тежина: поздрава исхрана од претходно, поголема физичка активност од претходно и постојана работа на себеси.
Како што направив јас, можете и вие да почнете – зошто не уште денеска?
Ова е наша година. 650 милиони луѓе живеат со дебелина, а ние сме дел од нив. Но ние не сме беспомошни. Имаме алатки со кои може да ги промениме нашите животи. Само треба да почнеме да ги користиме...