Go to the page content

Зошто не е доволно знаењето за справување со дебелината

„Повеќето интервенции за справување со дебелината се фокусираат на превенцијата и тоа го прават преку „едукација“. Но постои причина зошто овој пристап немаше влијание врз дебелината, без разлика колку се обидуваме да едуцираме.“

Јас сум универзитетски професор. Предавам кинезиологија, наука која се фокусира на проучување на човековото движење, анатомијата, физиологијата, биомеханиката и друго.

На едно од моите предавања, „Раст, созревање и физичка активност“, дознаваме како физичката активност се вкрстува со човековиот развој и здравјето. Важен концепт за кој разговарам со моите студенти е „здравствената писменост“, што подразбира способност да бараме, разбираме и спроведуваме здравствени информации во нашиот живот.

Со оглед на сите лажни информации, трендовите и наполно застрашувачките совети за справување со телесната тежината што се шират како шумски пожар, корисно е да имате висок степен на здравствена писменост. Тоа ќе ви овозможи да ги филтрирате информациите и да разберете што треба навистина да знаете. Тоа е многу важен аспект во справувањето и превенцијата на дебелината.

Но, дали е тоа доволно? Дали едноставно треба само да ја едуцираме широката јавност и на тој начин да ја решиме загатката за дебелината? Што се случува кога знаењето не е доволно?

„Постои причина зошто овој пристап немаше влијание врз дебелината, без разлика колку се обидуваме да едуцираме.“

-Ian Patton

Повеќето интервенции за справување со дебелината се фокусираат на превенцијата и тоа го прават преку „едукација“. Тоа подразбира учење на поединците за здрава исхрана и физичка активност и обид за подобрување на здравјето преку знаење. Ако луѓето имаат повисок степен на разбирање, тие би направиле подобар избор и проблемот е решен.

Јас сега се залагам за зголемување на здравствената писменост насекаде во светот и притоа сметам дека секој може да има корист од поголемото познавање на здравата исхрана и физичката активност. Но постои причина зошто овој пристап немаше влијание врз дебелината, без разлика колку се обидуваме да едуцираме.

Најнапред, овој пристап целосно ги игнорира генетските, психолошките, физиолошките, биолошките и факторите од средината вклучени во дебелината. Ставањето целосен фокус на превенцијата преку едуцирање во суштина го зајакнува верувањето што знаеме дека е невистинито и ги продолжува лажните мислења за дебелината: „Ако луѓето што живеат со дебелина не беа толку неразумни, немаше да го имаме овој проблем“.

Би требало да знам. Живеам со дебелина. Дебелината за малку ќе ме убиеше. Кога се чувствував најболно имав повеќе од 150 килограми, со хипертензија и апнеја во тек на спиењето и измачувачко чувство дека маснотиите го цицаат животот од мене.

Поголемиот дел од животот бев крупен, намалував и качував килограми многу пати. Требаше да знам подобро, зар не? Требаше да бидам доволно паметен да можам сам да се справам. Ако имав поголема здравствена писменост околу храната и физичката активност, никогаш немаше да ми се влоши здравјето во толкава мера. Зар не?

Тоа е погрешно!

Јас сум образован, всушност, пообразован од повеќето луѓе. Имам докторат по кинезиологија во којшто фокусот е на физичката активност и дебелината. Завршив и двегодишна постдокторска програма за истражување на дебелината. Јас сум регистриран кинезиолог и овластен физиолог за вежбање, што значи дека знам повеќе за физичката активност, вежбањето и телото од повеќето ваши лични тренери. Дури и држев курсеви за исхрана на ниво на факултет.

„Се срамев од тоа што сум сè додека не го сменив начинот на размислување. Сè додека целосно не го прифатив фактот дека дебелината е хронична болест.“

-Ian Patton

Мојата здравствена писменост конкретно на оваа тема е очигледно огромна, но еве ме, живеам со дебелината. Како се случи ова?

Иронично, додека се подготвував за одбрана на докторската теза, со огромно знаење, истовремено бев и најпогоден од дебелината. Одев на меѓународни конференции, учев и зборував за науката за дебелината додека се борев со моето лично здравје.

Не беше тешко само за моето его тоа што имав тело што очигледно не го одразува моето напредно знаење за здравјето. Тоа беше тотален хаос за моето ментално здравје.

Се мразев себеси. Се обвинував. Се срамев од тоа што сум. Се чувствував како измамник. Кој  може да ме сфати сериозно? Од сите луѓе, јас би требало да можам да се справам со ова. А ако не можам да го сторам тоа, каква е користа од мене?

„Хроничните болести се покомплицирани од тоа, и без разлика колку сте паметни, сепак ви треба план за справување со хроничните болести.“

-Ian Patton

Така беше сè додека не го сменив начинот на размислување, додека целосно не го прифатив фактот дека дебелината е хронична болест. Дека дебелината вклучува многу повеќе аспекти отколку само едноставно незнаење.

Размислете за која било друга хронична болест: рак, хипертензија, дијабетес итн. Дали едукативната превенција е во фокусот на нивното справување? Дали постои некоја друга болест каде што креваме раменици и велиме: „оставени сте сами на себе, треба само да научите како сами да се лекувате?“

Замислете да му е дијагностицирана хипертензија на лекар. Дали е неуспешен тој лекар затоа што добил нешто што му е добро познато и знае многу за тоа? Дали ќе очекувате да се излекува со тоа што ќе прегледа некои од книгите од факултет?

Апсолутно не, бидејќи хроничните болести се покомплицирани од тоа, и без разлика колку сте паметни, сепак ви треба план за справување со хроничните болести.

„Бевме условени да веруваме дека дебелината е едноставна, дека е вина на поединецот, но грешевме.“

-Ian Patton

Па зошто го правиме ова за дебелината?

Креаторите на политиките и општеството во целина допрва треба да ги дознаат фактите дека дебелината е хронична болест која бара поинаков пристап од оној досега.

Разбирам. Промената е тешка. Бевме условени да веруваме дека дебелината е едноставна, дека е вина на поединецот, но грешевме. Сетете се, на пример, дека не толку одамна, радиоактивната вода беше популарен третман за ментални болести, дијареја, маларија, па дури и за стареење.

„Може и треба да направиме повеќе кога станува збор за дебелината. Во ред е да згрешиме, сè додека тоа го користиме за да бидеме подобри.“

-Ian Patton

Може и треба да направиме повеќе кога станува збор за дебелината. Во ред е да згрешиме, сè додека тоа го користиме за да бидеме подобри.

Треба да бидеме отворени за учење нови работи и желни да ги исправиме грешките. Како општество треба да ја подобриме нашата севкупна здравствена писменост за да можеме да го спречиме ширењето на лажните и потенцијално опасни информации.

Треба да бараме креаторите на политиките и здравствените системи да бидат во чекор со времето и да ја препознаат дебелината како хронична болест и да ја третираат како таква.

Но можеби е најважно да препознаеме дека кога станува збор за дебелината, потребен ни е пристап кој ја зема предвид сложеноста на болеста и не се однесува само на едукацијата за превенција. Треба да разбереме дека знаењето не е доволно.

ПОВРЗАНИ ТЕМИ

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Животот со дебелина – Подготвителен камп за изолацијата во текот на пандемијата со COVID-19
ЖИВОТ СО ДЕБЕЛИНА   ГРИЖА ЗА СЕБЕ   Covid-19 | 8 min. read

Животот со дебелина – Подготвителен камп за изолацијата во текот на пандемијата со COVID-19

Јас живеам со дебелина веќе 35 години. Всушност, од моите тинејџерски години. Верувале или не, токму поради тоа и одлично ги познавам социјалното дистанцирање и социјалната изолација. Тоа е темата на оваа објава.

Големите момчиња не плачат... и други митови
СОВЕТ ОД ЕКСПЕРТ   ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО   ПСИХОЛОГИЈА | 3 min. read

Големите момчиња не плачат... и други митови

Замислете свет каде што еден ден црвеното светло на семафорот значи забрана за движење, следниот ден црвеното значи дозволено движење, а зеленото забрана за движење! Во таков свет нема да постигнеме ништо.

Создавање на современиот маж: Балансирање помеѓу машкоста, општествените норми и дебелината
ГРИЖА ЗА СЕБЕ   ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО   МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ | 3 min. read

Создавање на современиот маж: Балансирање помеѓу машкоста, општествените норми и дебелината

Што значи да се биде маж во современиот свет? Спротивставените пораки и очекувањата на општеството од мажите не само што можат да го попречат чувството за идентитет туку можат да влијаат и врз нивното здравје.